Смртоносната епидемија на ебола во Конго е прогласена за меѓународна здравствена криза, соопшти денеска Светската здравствена организација откако вирусот се прошири во град од два милиони луѓе.
Од август до сега починаа повеќе од 1.600 луѓе во втората најсмртоносна епидемија на ебола во историјата, која се случува во регион опишан како воена зона.
Одборот од експерти на СЗО одби во три претходни наврати да го предложи прогласувањето на еболата за глобална здравствена закана, иако други експерти тврдат дека за тоа уште одамна имало услови, па реакцијата е задоцнета.
Неделава првиот случај на ебола беше потврден во Гомa, голема регионална крстосница на границата помеѓу Конго и Руанда со меѓународен аеродром. Експертите со месеци стравуваа од ваков развој на настаните.
Прогласувањето на епидемијата за глобална здравствена закана ќе предизвика големо меѓународно внимание и помош.