Во индустриската зона Визбегово до февруари или март следната година треба да биде изградена нова водоводна мрежа, од која што досега се поставени 25 проценти, а до септември годинава да биде објавен и тендер и за нов канализациски систем, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
При денешниот увид на градежните работи изведувачите го информирале дека изградбата на водоводот се одвива со добра динамика и оти ќе биде запазен рокот за завршување до крајот на февруари или почетокот на март следната година.
За тендерот за канализациски систем што се планира да биде распишан следниот месец или во септември се подготвува потребната документација.
Зоната во Визбегово, како посочи, ќе добие седум километри нова водоводна и пет километри канализациска мрежа, а за сите планирани активности се обезбедени финансии. За водоводот финансиската конструкција изнесува 1,8 милиони евра, а за каналзиацискиот систем досега преку ресорното Министерство се обезбедени 150 милиони денари, а останатите ќе се бараат преку други извори.
Сугарески потенцираше дека изградбата на инфраструктурата е од исклучителна важност затоа што се обезбедуваат услови за отворање нови фабрики и работни места и со неа се исполнуваме ветеното од Програмата на Владата и Општината.
Како што информираше градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, за планираната нова водоводна мрежа се работи на улиците што се попроблематични и каде има поголема фрекфенција.
– Се надевам дека ќе завршиме во наредните седум месеци како што ни е договорено, можеби и порано, затоа што ќе ги поминуваме сервисните улици и ќе немаме толку проблеми. Динамиката е добра, со изведувачот имаме одлична комуникација и народот ги прифаќа активностите затоа што ова е на нивно барање, изјави Смилевски.
Како што наведе тој, во индустриската зона Визбегово нема ниту фекална, ниту атмосферска канализација, а повеќето од објектите се со септички јами. Во зоната работат 220 фирми, а според Смилевски, има 10-ина барања за изградба на нови објекти.
– Сигурен сум дека во наредниот период ќе има уште повеќе барања затоа што сме интересни, доаѓаат доста луѓе, се распрашуваат за документација, рече Смилевски.
Тој се согласува дека патната инфраструктура е многу стара на што имаше многу реакции во изминатиот период и посочи дека со поставувањето на водоводната и атмосферската канализација ќе се создадат услови за обнова на постојните и изградба на нови патишта.