Косовскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Беџет Пацоли отпатува денеска за Вшингтон, кадешто ќе учествува на вториот Министериал за верските слободи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објави на својата страница на Фејсбук пред заминување, Пацоли на средбата на високо ниво е поканет од државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Мајк Помпео.
– Мозаикот на Косово како млада, мултиетничка и мултиконфесионална држава претставува конкретен пример за градењето на еден напреден концепт на меѓуверска хармонија која е негувана со векови, напиша Пацоли.
Тој најави дека во Вашингтон ќе се сретне со официјални претставници на САД и на повеќе други држави, пред кои, како што вели, ќе ги претстави дипломатските приоритети на Косово.