Неколку луѓе во Шпанија пријавиле дека се разболеле по капењето во Монте Неме – токсично езеро во Галиција, северна Шпанија – откако помислиле дека тиркизното езеро е безопасно место за сликање.
Монте Неме е напуштен каменолом, кој бил во употреба од 1975 до 1980 година, и некогаш бил поврзан со волфрамски рудник.
Регионот привлекува голем број туристи низ годините, благодарение на впечатливо сините води на шест такви резервоари. Но, тиркизната боја на водата е всушност резултат на хемиска контаминација.
Некои инстаграмџии се пожалиле на осип и проблеми со стомакот.
„Покрај здравствените проблеми што можат да произлезат од рекреативните активности во рударското езеро, постои и безбедносен проблем, бидејќи може да дојде до падови, па дури и смртни случаи“, рече Рамон Варела, еколошки новинар и портпарол на „Салвемос Кабана“, здружение за заштита на природното и културното наследство во областа.
Тој рече дека групата побарала од владата на Галиција да воведе мерки за безбедност и да го забрани влезот во областа за да се спречат посериозни несреќи.
Но, освен квалитетот на водата, според Варела, опасност претставува и калта во која луѓето би можеле да се заглават.
Со сличен проблем се соочуваат и инстраграмџиите во Новосибирск во Сибир, каде што токсично тиркизно езеро, кое често се нарекува сибирските Малдиви, предизвикува слични здравствени проблеми.
Сопственикот на индустриската депонија ја припишува светло сината боја на водата на калциумовите оксиди – супстанци кои се штетни за луѓето.