Пред утрешната лидерска средба сакаме да предупредиме дека неопходна е промена на изборниот модел и доколку оваа точка не биде прва за која лидерите ќе разговараат, лидерската средба би била беспредметна, велат од партијата Граѓанско-демократска унија.
„Промената на изборниот модел е предуслов за демократија. Но властите поради криминалите заборавија на ветувањата дадени пред избори во насока на демократизација и развој на парламентарната демократија“, се наведува во партиското соопштение.
Според ГДУ, Собранието е претворено во гласачка машина и наместо да ја контролира Владата, се случува обратно – Владата го контролира Собранието.
„Без разлика дали изборите ќе бидат во септември, октомври или март, неопходна е промена на изборниот модел, во спротивно ништо нема да се промени. Само ќе се заменат ликовите во фотелјите, а криминалот и непотизмот ќе продолжат да цветаат“, стои во соопштението во кое се додава дека ГДУ како политичка партија жестоко ќе се бори за промена на изборниот модел.