Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа до крајот на годината ќе бидат реализирани 74 нови проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби во 54 општини. Вкупната вредност на проектите е 124 милиони денари, или 2 милиони евра. Денеска во Владата на Република Северна Македонија беа потпишани договорите за финансирање на проектите со градоначалниците на општините чии проекти беа одобрени, во присуство на вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески и директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи. Одлуката за финансирање на проектите ја донесува Владата, по претходно спроведена постапка на оценување и усвојување од страна на националниот Совет за рамномерен регионален развој. Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, потенцираше дека оваа година, за програмата за рамномерен регионален развој се издвоени рекордни 7 милиони евра, од кои 5 милиони евра за проекти за развој на планските региони и 2 милиони евра за развој на селата и подрачјата со специфични потреби.
Важно е да кажеме дека проектите за развој на села и подрачја со специфични потреби во голема мера се однесуваат на изградба на инфраструктура, за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во пасивните краеви и рурални средини. Владата работи да ги развива и помалку развиените населени места и средини, бидејќи развојот само на неколку поголеми градови нема одржливост на подолг рок. Во текот на наредните неколку години, а веќе почнавме, ќе работиме да го подигнеме квалитетот на живеење во пасивните средини, се со цел да обезбедиме приближно исти услови за живот на сите граѓани на територијата на цела Република Северна Македонија“, потенцираше Анѓушев.
Годинава ќе бидат финансирани 35 проекти за развој на селата, во вкупна вредност од 41,3 милиони денари, во сите 8 плански региони. Во Скопскиот регион ќе бидат финансирани 4 проекти, во Југоисточниот 6, во Источниот 5, во Пелагонискиот 3, во Полошкиот 3, во Југозападниот 4, во Вардарскиот 7 и во Североисточниот плански регион 3 проекти.За развој на подрачјата со специфични развојни потреби ќе бидат финансирани 39 проекти во вредност од 82,5 милиони денари.
„Проектите се однесуваат на изградба и реконструкција на локални патишта, системи за греење во основни училишта, системи за одведување на отпадни води, подобрување на процесот за собирање на отпад, поставување на урбана опрема и слично. Станува збор за проекти, кои што решаваат значајни проблеми и имаат големо влијание на квалитетот на живеење на жителите во руралните населени места“, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи информираше дека до бирото пристигнале голем број на проекти, притоа дополни дека се потребни повеќе средства во Програмата за рамномерен регипонален развој за задоволување на потребите на граѓаните.
На настанот говореа и градоначалничката на општина Тетово, д-р Теута Арифи, градоначалничката на општина Могила, Јасмина Гулевска и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, кои истакнаа дека со проектите кои ќе се реализираат се решаваат проблеми на илјадници граѓани, при што ја поздравија тенденцијата на Владата за зголемување на средствата во Програмата за рамномерен регионален развој, како и одлуката на Владата за продолжување на процесот на децентралзација.
Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа за 2019 година, веќе се во фаза на реализација и 43 проекти за развој на осумте плански региони, во вкупна вредност од 290 милиони денари.