Во текот на следните три дена гејмери, графички дизајнери и уметници со десет ментори од Бирото за развој на образованието, академици и едукатори од предучилишно образование и од основно образование ќе работат на заедничко создавање електронски игри за поттикнување на учењето преку игра.
Прес-службата на УНИЦЕФ информира дека најдобрите онлајн и дигитални игри што ќе се подготват на овој хакатон ќе бидат вклучени во националната веб платформа за образование – онлајн библиотека со едукативни игри и ресурси за родители и наставници, кои ќе служат за да се збогатат можностите за учење на децата од предучилишна возраст и во првиот циклус на основно образование, од прво до трето одделение.
Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс исткана дека учењето преку игра е еден од најважните начини на кои малите деца стекнуваат суштински знаења и вештини.
– Тие играат за да го разберат светот околу нив. При изборот да играат со она што им се допаѓа, децата развиваат вештини во сите развојни домени: во интелектуалниот, социјалниот, емоционалниот и физичкиот домен. Подеднакво важно е што тие ги развиваат вештините неопходни за учење како што се способноста за решавање проблеми, анализа, проценка, примена на знаењето и креативност, рече Перкс.
– Глобалните истражувања покажуваат дека учењето преку игра ги подобрува академските и развојни резултати на децата. Исто така, тие потврдуваат дека има долгорочни придобивки од програмите за развој во раното детство во кои децата се изложени на учење и решавање проблеми преку самоиницијативни активности и насоки од наставниците. Иако традиционалниот пристап кон учењето во основните училишта е фокусиран на предавања, истражувањата покажуваат дека учењето преку игра е подеднакво ефективно и во програмите во основните училишта, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.
Практичните алатки кои ќе бидат достапни на веб платформата се дизајнирани за да го поддржат учењето преку игра на сите места каде што детето најчесто престојува – дома, во предучилишните установи и на училиште.
„Inno4Edu” хакатонот се организира во партнерство со СмартАп – Лабораторија за социјални иновации со поддршка од Владата на Велика Британија преку Британската амбасада во Скопје во партнерство со УНИЦЕФ, министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и Бирото за развој на образованието, како дел од програмата „Создавање средина што овозможува подобрување на квалитетот на образованието преку ко-креирање и иновации”.