– Да се издаваат фискални сметки и да се потсетуваат посетителите дека имаат право да ги побараат, како и за правото на поврат на дел од пресметаниот ДДВ, информираат од прилепската Регионална дирекција на Управата за јавни приходи во пресрет на почетокот на наголемата манифестација „Пивофест” која во Прилеп се одржува од 18 до 21 јули.
-Во врска со овогодишниот Пивофест, УЈП ги повикува сите учесници кои имаат обврска да издаваат фискални сметки, истите редовно да ги издаваат а се потсетуваат посетителите дека имаат законско право да бараат да им се издаде фискална сметка за прометот на добра и услуги и право на поврат на дел од пресметаниот ДДВ, соопштуваат од Региионалната дирекција на УЈП во Прилеп.
Што се однесува до состојбата во врска со фискалните сметки откако е влезен во сила Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, УЈП информира дека има неправилности кои граѓаните ги пријавуваат на бројот 198. Имено, од 1. јули најзабележителни се пријавите за неиздавање фискални сметки, како и за сметки кои граѓаните не може да ги скенираат.
-Најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, мини-маркети, колонијални продавници, фризерски студиа и друго. Некои правни лица се пријавувани и по повеќе пати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки. Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар, Чаир и други, соопштуваат од УЈП.
Конкретно, во општина Аеродром на бројот 198, граѓаните пријавиле неиздавање фискална сметка во продавници за храна, фризирско студио, кафе бар и други, каде граѓани или не добиле фискална сметка или им била издадена невалидна. Во Општина Чаир граѓани се пожалиле дека не добиле фискална сметка во слаткара, механичарски сервис, бутик и други. Во повеќе делови од Скопје пријавени се недоследности при издавањето фискалните сметки од страна на механичарски сервис, гостилница, трафика, бутик, перална за автомобили…. Во Општина Тетово граѓанин дојавил дека не му била издадена фискална сметка за купен телефон, а неколку граѓани пријавиле дека фискални сметки не издаваат бензиска пумпа, неколку маркети и кафе барови, информираат од УЈП.
Јавување за недоследности во повеќе продавници и кафе барови пријавиле и граѓани на Крива Паланка. За нерегуларности Управата ја известиле и во Општина Охрид. Фискална сметка не им била издадена во ресторан и на место каде се продавале билети на настан.
-Во Општина Прилеп, граѓаните се соочиле со неиздавање на фискални сметки во продавница за храна, како и со издавање на невалидни фискални сметки од страна на мини-маркет. Во Свети Николе граѓаните наишле на повеќе фискални сметки кои се со испрекинат бар код, поради што не може да се вчита, а фискалните сметки им биле издадени во маркет. Бледи фискални сметки, со нечитлив бар код забележале и граѓаните од Битола, Куманово и од повеќе делови од Скопје за што пријавиле на бројот 198. Во Струмица пријавени се недоследности кај колонијал којшто според пријавата на граѓани не издава фискални сметки, како и стовариште. Од повеќе граѓани до Управата за јавни приходи од Општина Дебар стигнаа реакции за неиздавање на фискални сметки од страна на кафе барови и бутик, а на бројот 198 граѓани пријавиле и нерегуларности при плаќање услуга во угостителски објект во Галичник, се соопштува детално од УЈП.
Според УЈП, се почести се јавувањата за купување производи од продавници кои своите производи ги нудат и преку интернет, најчесто облека, за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.
Мерката поврат на 15 % од пресметаниот ДДВ е од корист и на граѓаните и на државата. Оваа мерка значително ќе помогне и во намалувањето на сивата економија.
Согласно пријавите и по службена должност Управата за јавни приходи ќе спроведе интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен.