На првото собрание на ДУИ што се одржа во Сарај пред партискиот конгрес, свое обраќање имаше лидерот на партијата, Али Ахмети, кој зборуваше за како што рече, пропагандата, која сите на див начин и како волци ја организираат против ДУИ.
„Каде им се фактите, нека покажат еден аргумент од десетиците илјади прислушкувања дека некој од ДУИ ја има злоупотребено власта и довербата, дали овие луѓе мислат дека Албанците пасат трева и ќе не казнат нас поради приватни разговори, тие може да имаат краткотраен ефект, но покасно граѓаните ќе почнат да размислуваат“, истакна претседателот на партијата.
Ахмети рече дека како лидер на ДУИ прв ќе ги поздрави издржаните докази против функционери од неговата партија.
„Дали некој украл, нека ги дадат прислушкувањата, дали некој дал наредба за противзаконско дејствување, јас ќе ги поздравам прв од ДУИ ако ги даваат овие факти, но такви нема затоа што ние не сме избрани за да ја изневериме довербата на гласачите. Јас не велам дека нема и ѓаволи, ајде да ги пронајдеме, но не со празни зборови туку со одредени дејствија“, посочи тој.
Во излагањето се задржа и на тоа што ДУИ го направила за Албанците во земјава.
„Да застанеме и да направиме анализа кој направил најмногу за оваа земја, на се што е направено, не само напишаното, но и документираното во сите области на дејствувањето, од националното знаме до унивезитетите, јазикот, културата, што се подигнаа на повисоко ниво“, посочи Ахмети.
Воедно истакна дека ДУИ како движење има цврста историја затоа што е дел и продолжение од отпор пред освојувачите и оние кои сакаат да ги искоренат Албанците од оваа земја.
„Останува оваа обврска, ова богатство, дека народите и граѓаните со фанатизам ги чуваат изградените вредности. Ако на Ирците им ја чепнеш Шин Фејн или ИРА, кои произлегоа како ДУИ од ОНА, ќе ти ги искорнат очите затоа што се повредува историјата, вредноста. Но и ние треба со фанатизам и со голема посветеност да ги зачуваме и збогатиме овие вредности, но да не ги засрамиме ни нашите предци, ниту на нашите соборци, зато што човек од лакомост може да направи и погрешни потези, но ние секогаш треба да го имаме компасот затоа што потекнуваме од една организација и механизам кој што има пролеано крв и безбројни жртвувања“, истакна лидерот на ДУИ во рамките на неговото обраќање на Изборното собрание на ДУИ во Сарај.