Сакам да ве убедам дека сме спремни за почеток на годинешниот „Пивофест 2019“, направени се сите подготовки, спремни се сите штандови, како и главната бина на која вечер ќе настапат изведувачите, истакна на денешната прес-конференција непосредно пред почетокот на манифестацијата, градоначалникот Илија Јованоски.
Прилепскиот градоначалник потенцираше дека јавните комунални претпријатија се максимално ангажирани околу чистотата на градот, а безбедносната состојба е на потребното ниво.
„Годинава на поразличен начин се решава паркирањето на возилата. Имено, паркирањето ќе почне од периферијата кон централното градско подрачје, затоа што на тој начин на сите учесници во сообраќајот и на пешаците им се дава можност да бидат порелаксирани. Сигурен сум дека во овие 4 денови ќе имаме одлична забава, расположение кај сите граѓани како од нашиот град, така и кај оние од другите градови од нашата држава и од странство кои ќе присуствуваат на фестивалот“, рече градоначалникот.
Покрај настапите на познатите музички имиња на главната сцена, вечерва како и сите останати вечери, забава ќе има и на алтернативната сцена од Камена бина, информираа градските власти.