Муслимански свештеник роден во Ирак бил ставен во притвор во Норвешка четири недели откако бил осуден на 12 години затвор во Италија поради терористички прекршоци, пренесува норвешката телевизија НРК.
Окружниот суд во Осло во средата соопшти дека постои ризик Мула Крекар да побегне, а НРК објави дека наскоро се очекува барање за екстрадиција од Италија.
Крекар, кој претходно одби да отпатува за Италија стравувајќи од екстрадиција во Ирак, беше прогласен за виновен во судот во Болцано за обид за соборување на курдската влада во северен Ирак и создавање исламски калифат.
„Немам врски со тероризмот. Ова е политички монтиран случај “, рече Крекар по пристигнувањето во судот во Норвешка, нарекувајќи го италијанскиот случај лажен.
Норвешкиот премиер Ерна Солберг во средата изјави дека Крекар бил уапсен за да може да биде испратен надвор од земјата.
„Италијанските власти побараа апсење на Крекар со намера да биде екстрадиран во Италија”, рече Солберг.
Во 2015 година, европските власти уапсија 15 Ирачки Курди вклучени во мрежата „Равти Шакс“, чиј наводен лидер е Крекар, за обвиненија поврзани со тероризам. Италијанските обвинители велат дека мрежата регрутирала странски терористички борци за во Ирак и во Сирија и обезбедувала логистичка и финансиска поддршка.
Бегалец од ирачки Курдистан кој во 1991 година дошол во Норвешка, 63-годишниот Мула Крекар, кој е роден како Најм ал Дин Фарах Ахмад, има неколку обвиненија во Норвешка, вклучително и за закана кон премиерот Солберг. Тој, исто така, го пофалил екстремистичкиот напад во 2015 година на францускиот сатиричен весник „Шарли ебдо“.
Крекар ја основал сега неактивната група бунтовници Ансар ал-Ислам, составена од сунитски Курди, која имала за цел да воспостави исламски калифат во ирачки Курдистан. Групата, наводно, се споила со Исламска држава во 2014 година.