Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, до надлежното ОJO Скопје, поднесе кривична пријава против Љ.Д. од Скопје, осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување.
Истрагата утврдила дека осомничениот во текот на 2015 година, како претседател на Здружението на пензионери „Општина Бутел Нов Живот“ од Скопје, постапил спротивно на одредбите од Законот за здруженија и фондации, како и донесените одлуки на здружението, при што од сметка на здружението, во повеќе наврати противправно и неосновано биле подигани парични средства на име на материјални трошоци, исплати кон членови на здружението, како и надворешни лица за репрезентација, угостителски услуги, одржување и набавка на материјални средства, градежни материјали и превоз на патници, без при тоа да бидат донесени соодветни одлуки и решенија од органите на управување на здружението.
Исто така, пријавениот набавил и компјутери кои ги евидентирал како основни средства на здружението, при што истите не биле евидентирани во пописните листи за 2016, 2017 и 2018 година и физички не се наоѓале во здружението.
Со наведените дејствија пријавениот нанел штета на буџетот на горенаведеното здружение во износ од 723.016 денари.