Мерко се откажа од ингеренциите за издавање дозволи за градба по забелешките од УНЕСКО

Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, ѝ ги отстапи на Владата ингеренциите во делот на издавање дозволи за градба, легализација на објекти, концесии како и ингеренциите во делот на спроведување на забелешките од страна на УНЕСКО. Во писмото на Мерко испратено до вицепремиерите Садула Дураки, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, се наведува дека Струга веќе подолго време е изложена на континуирани и неоправдани медиумски и политички напади дека сè што се работи во Струга е надвор од законските одредби и спротивно на интересите на државата, односно интересите на УНЕСКО.

„Врз основа на последните случувања и долгорочната кампања која се води против Струга и градоначалникот мислам дека истата има само една цел и тоа покривање на дивоградбите во градот Охрид и опасноста која доаѓа со одземањето на статусот на Охрид и Охридското Езеро кои го имаат во рамките на УНЕСКО. Струга и граѓаните на општина Струга веќе подолго време се изложени на континуирани и неоправдани медиумски и политички напади дека сè што се работи во Струга е надвор од законските одредби и спротивно на интересите на државата, односно интересите на УНЕСКО. Фактичката состојба во Струга укажува дека и пред моето доаѓање на власт, како и од моето доаѓање на власт навака, не е изградена ниту една дивоградба, а најмалку е направена узурпација на државно земјиште или нанесување штета на еколошката состојба во градот“, вели Мерко.

Тој во писмото наведува дека е потиснат од бизнис заедницата и туристичките работници од една страна и континуираното и наместено блокирање на туристичкиот развој и зголемувањето на туристичките капацитети во Струга од друга страна. Тој пишува дека министерот за транспорт и врски заедно со комисијата на УНЕСКО одбиваат да донесат каква било промена на Деталните урбанистички планови на целата територија на општина Струга и намерно го блокираат економскиот развој на градот со што ги принудуваат градежните компании да ги затворат нивните фирми и ги принудуваат странските инвеститори да се откажат од инвестиции во туризмот и хотелиерството.

„Се надевам дека Вие како централна власт со вашите капацитети ќе имате подобро разбирање и визија за потребите на бизнис заедницата и општина Струга“ , стои во писмото.

Мерко наведува дека за одлуката ќе бидат информирани и дипломатските претставништва со цел, како што вели, да се прекине оваа негативна кампања спрема Струга, Стружани и него како градоначалник, и да се обезбеди непречен развој на градот.

Треба да знаете
Последни објави