Министерството за правда го објави новиот Предлог-закон за Јавно обвинителство во кој, како што наведуваат во соопштение, се здружуваат постојните капацитети на СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во „Јавно обвинителство за гонење криминал и висока корупција”.
Надлежностите од двете постојни јавни обвинителства, појаснуваат, преминуваат во новоформираното Јавно обвинителство, кое продолжува да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Воедно, се обезбедува континуитет во функционирањето: обвинителите и истражителите кои работеле досега, ќе продолжат да ја вршат својата работа во ова обвинителство.
Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки. Така се дефинирани и неговите надлежности како здружување од надлежностите на двете постојни јавни обвинителства.
Клучната гаранција е финансиската независност која претставува основниот столб и предуслов за независност на секоја институција, па и на Јавното обвинителство.
– Висината на средствата за работа на ова Јавно обвинителство се утврдува врз основа на предлог буџет и финансиски план на шефот на ова Јавно обвинителство, кој го доставува до Јавниот обвинител на РСМ и Министерството за финансии. Овој предлог, шефот на обвинителството го изготвува земајќи го предвид буџетот за претходната година во консултација со Јавниот обвинител на РСМ, наведуваат во соопштението од Министерството за правда и додаваат дека Владата и Собранието не можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да ја обезбедат финансиски средства за непречена работа. Исто така, ова обвинителство може да поднесе и дополнителни барања за финансирање за зголемени активности на работа.
Платата на шефот на ова Јавно обвинителство се утврдува на износ од пет отсто помала плата од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а платата на јавните обвинители во ова обвинителство е во висина на плата на шеф на раководител на вишо јавно обвинителство.
– Предлагаме и додатоци на јавните обвинители за посебните услови за работа за постоење на висок ризик и за доверливост, како и за додатоци на плата за истражители, како едно од најзначајните алки за успешно спроведување на кривичните постапки, стои во соопштението.
Со законот е зајакната и личната независност на јавните обвинители и предвидена е гаранција согласно која јавните обвинители од ова јавно обвинителство не може да бидат времено упатувани да вршат јавнообвинителска функција во други јавни обвинителства.
– Значајна гаранција е дека Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, без согласност од Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на криминал и висока корупција, не може да преземе кривично гонење или вршење одредени работи за кои е надлежно ова обвинителство, ниту пак да овласти друго Јавно обвинителство да води постапки за предмети за кои е надлежно ова Јавно обвинителство, се наведува во соопштението во кое се додава дека од ова правило, постои само еден исклучок, а тоа е доколку при надзорот се утврди дека јавнообвинителската функција не се врши согласно роковите утврдени со Законот за кривичната постапка.
Значајна гаранција во постапувањето на ова Јавно обвинителство е одредбата согласно која Jавниот обвинител самостојно ќе бара меѓународна правна помош и соработка за прашања што се од негова надлежност, а не постапката да се води преку повисокото обвинителство.
Во однос на функционирањето на ова обвинителство, како што се наведува во соопштението, значајна е одредбата дека Јавниот обвинител на ова обвинителство дава предлог за бројот на јавните обвинители во ова обвинителство, и тоа во зависност од потребите, сложеноста и обемот на работа. Секако, крајната одлука за ова ја донесува Советот на Јавните обвинители.
Имајќи ја предвид сложеноста на работите што ги врши ова обвинителство, со предлогот предвидени се гаранции за раководителот на обвинителството, по завршувањето на неговиот мандат.
– Гаранции во законот се предвидени и во однос на постапката за разрешување на Јавниот обвинител на ова Јавно обвинителство за да се избегнат сите можни влијанија во неговата работа. Вградивме одредба согласно која, првиот човек на ова Јавно обвинителство може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот на Јавните обвинители, се појаснува во соопштението.
Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.
– Постојното СЈО и Основно јавно обвинителство за гонење криминал и корупција се здружуваат во новото Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Со тоа, надлежностите од двете постојни јавни обвинителства преминуваат во новоформираното Јавно обвинителство, кое продолжува да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени, наведуваат од Министерството за правда.
Во овој закон, се обезбедува континуитет во функционирањето, односно обвинителите и истражителите кои работеле досега ќе продолжат да ја вршат својата работа.
Преодните одредби во овој закон ги решаваат и прашањата за постојните избрани јавни обвинители. Шефот и јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење криминал и корупција продолжуваат да ја вршат својата функција во новоформираното Јавно обвинителство, до завршување на маднатот.
Според предлогот, исто така и јавните обвинители во постојното СЈО продолжуваат да ја вршат својата функција како јавни обвинители во новоформираното јавно обвинителство.
– Постојните вработени и истражители во постојните обвинителства преминуваат во новоформираното обвинителство, како и архивата, материјалните средства и опремата, стои во предлогот на Министерството за правда.