Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од поодамна е во контакт со лозарите и речиси во континуитет е во комуникација со Здружението на лозарите, а на винариите им е пратено циркуларно писмо за да видиме какви се нивните планови за откуп и преработка на грозје за годинава и колкава ќе биде бербата, информира денеска ресорниот министер Трајан Димковски.
-Досега се одржаа неколку состаноци, во понеделник ќе имаме нов. Ја следиме состојбата и според најавите некои од винарските визби планираат помалку да откупат, но не би одел со заклучоци додека не ги собереме целосните резутати. Веќе разговаравме и за можни активности што би ги презело Министерството доколку се дојде до заклучок за вкупниот план за откуп на грозјето од винарииите, а тоа ќе го имаме за недела до две, по што би тргнале со некои наши активности за да видиме доколку може да се пласира во соседството, изјави Димковски во одговор на прашање при денешната посета на Општина Градско.
Тој посочи дека засега се очекува добра берба и добар принос на грозјето.
Прашан дали на состаноците станало збор и за откупната цена на грозјето, Димковски рече дека лозарите секогаш бараат повисока цена, но додаде дека во услови на добар принос и поголема понуда од побарувачка цената ќе биде дискутабилна.
-Сепак не би сакал уште од сега да одиме со цени. Во последните две три години имавме теденција на пораст на цените, а ќе видиме какви ќе бидат годинава. Цената заедно ќе ја определиме со винариите и со лозарите, рече Димковски.
Во моментов, посочи, има редовен откуп на праската, а од пред една недела почна и откупот на меката праска наменента за преработка за сокови, која претходно земјоделците ја фрлаа.
-Започна веќе да се врши таков откуп и веќе не очекуваме проблеми од типот на фрлање на праските како што се случуваше во периодот кога немаше никаков откуп. Сезоната ја почнавме со забрана за извоз во Русија, што се повлече со координирани активности со Државниот инспекторат за земјоделство, Фитоуправата и со Македонско – руската комора. Правевме се и веќе нема вратени камиони и пред една недела близу 1.500 до 2.000 тони веќе се извезени во Русија, рече Димковски.
Нагласи дека пазарот за праска станува се попребирлив и додаде дека индустријата не ги сака првите сорти кои се раѓаат во земјава, бидејќи не се одвојува семката и тешко се преработуваат.
-Не очекувам да има некои проблеми со извозот иако е шпицот на бербата. Алтернативни пазари секогаш се бараат и тоа така ќе продолжи, а преку саеми од 400.000 на 1,5 милиони е зголемена и поддршката за фирмите што извезуваат свежо овошје и зеленчук, потенцира Димковски.