Бранко Героски во колумна за Плусинфо напиша јавна порака до премиерот Зоран Заев кој вчера изјави дека не ги познава Фрики и Кики за чии рекетарски подвизи пишуваше Героски во неколку продолженија.
„Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека тој не ги познава Фрики и Кики. Го разбирам потполно. Еве, сосема накусо, ќе се обидам да појаснам некои нешта.
Фрики и Кики се вистински ликови, високо позиционирани во СДСМ и во власта. Тие се блиски до ликот кого јас го именував како Коки и за чии рекетарски подвизи пишував со езоповски јазик, во неколку продолженија.
Како се блиски? Еве вака, друже Заев.
Фрики е госпоѓа, висок функционер и во невладината организација на Коки, која служела за формално покривање на милионскиот рекет. Самиот тој факт ја прави госпоѓата објективно одговорна за овие злодела.
И тоа ќе го дообјаснам. Една работа е некому да се обрати некоја обична невладина организација со барање за поддршка (па и со рекетарска уцена), а друго е тоа да го стори НВО во чиј врв стои така проминентна личност, со неспорно политичко влијание и со блискост со премиерот и со сите министри и со други државни функционери.
Кики беше висок функционер во СДСМ. Самиот Коки, во последното интервју на својот медиум, го нарекол „добар пријател“ или „другар“. Е сега, не е исто да си обичен рекетар што стасува до половно „БМВ“ и да си фраер кој за другар го има високиот партиски функционер Кики, а за соработник високата државна функционерка Фрики, која згора и му пеела на журка.
Ниту сум напишал ниту тврдам дека Фрики и Кики рекерирале и дека лично се офајдиле од рекетот. За тоа не знам. Тоа треба да го провери истрагата. Но, неспорно е дека и Кики и Фрики му овозможувале на Коки да остварува контакти при неговите рекетарски обиди, а тој ја (зло)употребувал блискоста со нив, но и со други луѓе во СДСМ, за да биде поуспешен во своите походи.
Во најмала рака, Фрики, Кики и другите биле фацилитатори на милионскиот рекет, за што мора да сносат морална и политичка одговорност. А за нивната евентуална кривична соодговорност одлучува истрагата, која не смее да се попречува.
Затоа, госпоѓо Фрики и другар Кики, да сум на вашето место, јас под итно би сторил две работи.
Прво, би му се јавил на Заев и би му го кажал следново:
– Шефе, свесен (свесна) сум дека со мојата блискост и со контактите со Коки, како и со тоа што го препорачував кај други луѓе, му овозможив да ги засили своите рекетарски позиции. Така се искомпромитирав себеси, но и тебе, шефе, како и нашата партија. Во духот на декларацијата што ја донесовме пред некој ден, прифаќам политичка одговорност за својата непромисленост. Поднесувам оставка на сите функции.
Второ, би му се јавил на надлежниот обвинител и би му го кажал следново:
– Обвинителе, јас имав блиски контакти со лицето Коки и ви стојам на располагање за сите потребни информации во врска со милионскиот рекет. Моја граѓанска должност е да соработувам со истрагата, дури и во случај да бидам осомничен (осомничена).
Госпоѓо Фрики и другар Кики, јас најдругарски ви предлагам ова да го сторите без одлагање, во следните 48 часа. Тоа му го должите на Заев, но и на СДСМ, а пред сė на граѓаните на оваа земја. Ако размислите добро, ќе сфатите дека тоа си го должите и себеси“, пишува Героски во колумната.