Во Америка со низа манифестации денеска се одбележува 50-годишнината од слетувањето на Месечината на американските астронаути, Нил Армстронг и Баз Олдрин.
Прв човек кој зачекорил на Месечината на 20 јули 1969 година, е Нил Армстронг кој во таа прилика ја кажал познатата реченица, што звучи моќно и после половина век: „Ова е мал чекор за еден човек, но голем за човештвото“.
По него на Месечината зачекорил и Баз Олдрин додека третиот член на екипажот, Мајкл Колинс, останл во командниот модул, во орбитата на Месечината.
Олдрин заедно со синот на Армстронг, Рик, и американскиот потпретседател, Мајк Пенс, денеска отпатуваа во Флорида за да ја посетат лансирната рампа од каде започнала мисијата „Аполо 11“.
Агенцијата АП известува дека денес, во пресрет на отворањето на вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА, се направила километарска колона од автомобили, а во родниот град на Нил Армстронг Вакапонета во Охајо, речиси 2.000 натпреварувачи учествувале на трката насловена „Трка до Месечината“.
Еден од учесниците во трката, Роберт Роко, изјавил дека луѓето денеска се собираат за да го одбележат, според него, најзначајниот историски настан – слегувањето до Месечината.
„Шеесеттите години беа многу турбулентни, но еден момент беше величенствен“, рекол тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп во порака по повод Денот на вселенските истражувања, изјави дека мисијата „Аполо 11“ е еден од најважните моменти во историјата на Америка.
Тој потврди дека во денешно време целта е да се испраќаат астронаути на Месечината во наредните пет години, а потоа следниот голем чекор е испраќање Американци на Марс.