Речиси 50 години, Преспанските езера беа отсечени од светот, во корист на дивата природа. Денес, оваа погранична област меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција смета на екотуризмот за да ја спречи силната емиграција на нејзините жители, пишува во опширната репортажа францускиот портал „Репортер”, посветен на екологијата, пренесува дописникот на МИА.
Репортерот Луј Сејер уште на почетокот на репортажата ги водедува своите читатели во „рајот” наречен Преспа, регион кој скоро цели педесет години поради железната завеса ги подели луѓето, но геополитиката беше во полза на природата.
Преспа, со своите езера вгнездени на 850 метри надморска височина е „жариште на биолошката разновидност“. Разновидни живеалишта кои нудат импресивна фауна и флора: 1.500 видови растенија, 270 видови птици, 9 видови ендемични риби, присуство на сите големи европски месојади итн.
–Преспа е едно од најважните мочуришта во Европа, вели Даниела Заец од Македонското еколошко здружение. – Како што ги делиме овие езера меѓу нашите три земји, важно е да работиме заедно за да постигнеме вистински резултати во заштитата на природата, вели таа.
Островите, паднати како карпа од небото во средината на езерото, летовите на пеликаните и коромораните кои скоро ве допираат, рибите, змиите, смоквите, старите преспански езера се денес зелен појас на европскиот континент.
„Преспа Нет“ ги поврзува македонските, грчките и албанските еколошки здруженија. За да ги извршуваат своите проекти, тие првенствено се потпираат на локалното население, чии услови за живеење честопати биле тешки. Дури и денес, повеќето млади луѓе го напуштаат регионот поради недостаток на перспективи.
Репортерот го опишува селото Брајчино, преку Борис кој ја побара како многумина од селото својата среќа преку другата страна од океанот, а денес во својата старост го ужива чистиот воздух на Преспа. Но полека животот се враќа во Преспа, куќите се обновуваат, се развива еколошкиот туризам. Странските туристи доаѓаат да вкусат мед и локалната ракија. Македонците се учат од примерот од нивните комшии од Грција, кои се понапред во туризмот. Но за да се помине на другата страна од границата, треба да се направи заобиколување од 130 километри. По Брајчино, патот завршува, затворен со бариера и знак за застанување: малиот граничен премиен е затворена веќе 50 години со воениот удар во Грција. Една темна страница за регионот, наскоро свртена. Благодарение на договорот на Преспа за името на земјата – да стане Северна Македонија – склучен во 2018 година помеѓу грчката и македонската влада, патот треба повторно да биде отворен.
Отворањето на границата е она за што се надева Нонас Стергиос, производител на зеленчук и горд дека произведува органска храна од 2002 година.
Ако регионот на Преспанското Езеро воодушевува со своите природни убавини, исто така, тој ќе ги израдува љубителите на историјата. Грците, Римјаните, Византијците, Османлиите … последователните сили ги обликуваа овие езера, населени со човекот од неолитот, како што беше потврдено од страна на некои локации кои датираат од 7.000 п.н.е.
Од една граница до друга, посетителот, исто така, може да направи скокови во времето, меѓу индустриските култури на грчката страна и егзистенцијалното земјоделство на албанската страна. Јазиците се разликуваат, какои начините на живеење. Во овие граници на Европа, каде што судбината на народите често се играше на друго место на континентот, културите се мешаат. Македонците, Грците и Албанците живеат, се разбира, околу езерото, но и Ромите, Ароманите или другите “малцинства”.
Репортер го дава примерот на Цвета Трајче од малото македонско малцинство кое живее во селата долж албанските брегови. Тука, потрошувачкото општество изгледа далеку, а работата на земјата е тешка. На ридовите, старите жени со шарени марами се наведнати на малите парцели со чај или житни култури. Тука сè е домашно семејстватаго произведуваат она што го јадат, леб, млеко, зеленчук, мед, вино … но не можат да ги продадат, вели Трајче, која само дипломирала на курс за обука за природни водичи, финансиран од германската држава.
Додека овој дел од Преспа сега се отвора за туризам, една од целите на невладините организации е да се направат овие природни производи достапни и да се подобрат слабите приходи на жителите. – Важно е да им се даде на младите желба да останат, без разлика дали имаат идеи за тоа како и каде да инвестираат”, објаснува Трајче за „Репортер”.