Официјални лица од британската Национална агенција за криминал запленија повеќе од 100 килограми злато.
Како што пишуваат британските медиуми, златото со тежина од околу 104 килограми патувало за Швајцарија од Кајманските Острови. Проценетата вредност на златото е околу 4,5 милиони евра, а според сомнежите е поврзано со јужноамериканските наркокартели.
Најпрво, златото со приватен авион било пренесено од Кајманските Острови до Венецуела.
Локалните власти се обидуваат да дознаат од каде потекнува златото. Голем дел од овој скапоцен метал бил запленет во плочки и мали парчиња, додека околу шест парчиња биле во форма на срце.
„Веруваме дека оваа пратка е поврзана со наркокартелите во Јужна Америка. Во соработка со меѓународните партнери и службите во Велика Британија брзо успеавме да го спречиме натамошниот транспорт на златото“, изјави Стив Мекинтаер, од лондонскиот аеротром „Хитроу“, каде што минатиот месец беше пронајдено златото.
Тој нагласи дека бизнис моделот на многу организирани криминални групи се потпира на способноста за прекуграничен пренос на пари или вредни стоки, со цел финансирање на понатамошни криминални активности.