Јапонскиот премиер Шинѕо Абе побара јавна дебата за ревизија на пацифистичкиот Устав на земјата.
Барањето на Абе уследи откако неговата коалиција не успеа да освои двотретинско мнозинство на изборите за Горниот дом на Парламентот.
Коалицијата на Абе на вчерашните избори освои мнозинство во Горниот дом, но не успеа да добие двотретинско мнозинство, потребно за предлагање за измени на Уставот.
Јапонскиот премиер не се откажува од уставните реформи. Тој денеска понуди флексибилност во ревизијата на Уставот со цел да добие поддршка од конзервативните членови на опозициските партии.
– Во најмала рака потребна е дискусија (за измени на Уставот), тоа беше проценка на гласачите. Се надевам дека нацрт измените на Уставот може да добијат двотретинска поддршка, бришејќи ја границата помеѓу владејачките и опозициските партии, посочи Абе.