Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се сретна со Гречен Биркл, вршителка на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, која му го претстави новоименуваниот претставник на Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, Ерик Јановски.
Во улога на национален координатор на странска помош, Османи изрази задоволство и благодарност и за успешното таргетирање на американската развојна помош во земјата, во износ од над половина милијарда долари од независноста до денес, со која, како што рекол Османи, биле поставени основите на демократскиот и граѓанскиот развој на Северна Македонија.
„Градењето на демократијата во нашата земја врз принципите на владеење на правото, слобода, еднаквост, солидарност, како западни вредности и нивното вградување во нашето мултиетничко општество претставува цел кон која се стремиме и работиме долги години со поддршката токму од УСАИД како наш партнер, но и главен центар за распределба на развојната помош“, посочи Османи, истакнувајќи дека присуството на УСАИД има оставено неизбришлива трага во остварувањето на стратешките приоритети на земјава- членството во ЕУ и НАТО.
Во продолжение на средбата соговорниците изразија уверување дека соработката меѓу Владата и УСАИД ќе продолжи да се реализира согласно потребите и приоритетите на Северна Македонија и во претстојниот период, кој за земјава е клучен во евроинтегративниот процес