Парите се дадени во готовина во два наврата. Обвинителството уште во предистражната постапка ги утврди начинот и сметките од кои се обезбедени парите. За да не се наштети на постапката, други детали не би откривал, вели републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во врска со случајот „Рекет”.
Во интервју за „Независен весник” тој посочува дека никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден.
На прашањето дали истрага за рекетот што го изнудувале двајцата осомничени ќе биде проширена и ќе опфати пратеници и обвинители, или можеби некои други личности, Јовески вели дека истрагата ќе се прошири за сите инволвирани лица во конкретниот случај, како и за други кривични дела доколку се дојде до такви докази.
-Во овој момент не може да се каже дали ќе бидат опфатени пратеници, обвинители или други личности. Постапуваме неселективно и делото ќе го истражиме и расветлиме целосно и сеопфатно. Никој што сторил кривично дело нема да биде поштеден, истакнува државниот јавен обвинител.
На прашање дали сведокот дал 1,5 милиони евра за да биде прекината постапката, а со тоа го прекршил законот и како може тој да не биде дел од одговорните за овој случај, затоа што е јасна неговата намера со тие пари да поткупи обвинители, Јовески вели дека Обвинителството ќе истражува дали целта била да се поткупат обвинители или само да се искористи влијанието на првоосомничениот врз јавен обвинител.
-Лицето за кое прашувате е подносител на кривичната пријава и е сведок во овој предмет. Околностите што се земаат предвид согласно со законот се однесуваат само за овој предмет. Лицето за други кривични дела во други постапки може да се јави и во друго својство, зависно од инволвираноста и учеството што го имал во кривичноправните настани. За да се стимулира откривањето на овие кривични дела, законодавецот предвидел олеснување на положбата на лицето, кое ќе го пријави кривичното дело, но повторувам само за тој кривичноправен настан. Овој кривичен предмет воопшто не влијае врз одговорноста на сведокот во предметот „Империја”, кој го води СЈО, истакнува Јовески.