Во Црна Гора, не така одамна, кога селата беа полни и кога поголем број селани ја обработувале земјата, речиси и да немало домаќинство што како главен сојузник во работата на поле го немало магарето… Таа традицција сѐ уште се негува на Фармата со магариња во Мартиниќи, Општина Даниловград, каде што во 2015 година е отворен и Музејот на магариња, прв од ваков вид во регионот. Сопственикот на фармата со магариња, Дарко Савељиќ за агенцијата Анадолија вели дека објектот досега го посетиле повеќе од 56.000 туристи.
Фармата со магариња претставува вистинска атракција за посетителите. Заради потполна понуда, домаќините и сопственици на фармата одлучиле да отворат Музеј на магариња. Него го сочинуваат сите орудија што се користени за работа, како што се самар, плугови и сето она што се ставало под влечата.
– Направивме центар за посетители што е во рамките на фармата, а овде е и Музејот на магариња. Тука се орудијата што се користени со магарињата, тука се и самарите… Имаме самар што се користел во Втората светска војна. Ние ова го нарекуваме Музеј на магариња, но кога магарињата би умееле да говорат, ова би бил „музеј на тормозењето на магарињата”. Сите овие орудија што се користеле биле многу напорни за луѓето, а и за магарињата што сѐ тоа го влечеле, раскажа Савељиќ.
На отворањето на музејот присуствуваа многубројни пријатели на фармата, но и љубители на ова интелигентно животно. Во целата држава има околу 150 магариња.
На свеченоста при отворањето, гостите беа послужени со надалеку познатото магарешко млеко, кое, според стручните лица, е и многу лековито.
– Магарешкото млеко е доста здраво, посебно полезно за заболувања на белите дробови, кашлица, бронхитис, астма. Она што народот го нарекува магарешка кашлица, се лекува само со магарешко млеко. Ова е најскапото млеко на планетата. Многу е слично на човековото млеко и чини 50 евра по литар, препорачува Савељиќ.