Полицијата уапси 25 лица во источна Полска по хомофобични напади врз првиот марш за рамноправност одржан во градот Бјалисток.
Видеата објавени на социјалните медиуми покажуваат неколку мажи како напаѓаат неколку машки и една жена ЛГБТ активистка, кои во саботата учествувале на маршот на гордоста во Бјалисток.
Министерката за внатрешни работи, Елзбиета Витек, се осврна на нападите, велејќи дека „полицијата се грижи за безбедноста без оглед на идеите, вредностите и верувањата што ги искажуваат граѓаните.
„Секој човек кој го крши законот (…) треба да знае дека може да сноси одговорност“.
Нападите доаѓаат во време кога правата на ЛГБТ заедницата стануваат сè поголем проблем во Полска пред општите избори што се очекува да се одржат во октомври.
Владејачката партија ги прикажува ЛГБТ активистите како закана за традиционалните полски вредности. Лидерот на партијата, Јарослав Качињски ги повика Полјаците да гласаат за како што тој ја нарече „единствената партија што дава 100 отстотна гаранција дека нашите вредности ќе бидат заштитени“.
Тој рече дека ЛГБТ правата претставуваат вредности кои се „вистинска закана за нашиот идентитет, за нашата нација“.
Партијата претходно, исто така, се обиде да го укине и правото на абортус. Во 2016 година законодавците воведоа закон со кој би се забранил абортусот во сите случаи, дури и во случаи на силување, инцест или кога животот на мајката е во опасност, но подоцна беа принудени да го повлечат истиот.