Загриженост за владеење на правото, економската дипломатија, проактивно лидерство и минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања презентира и побара денеска бизнис заедницата од Сојузот на стопанските комори на Македонија од претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ги повика на директна секојдневна комуникација за прашањата што се важни за економијата и им вети еднаков третман на сите.
– Мотор на промените е приватниот сектор и ако приваните иницијативи не бидат поддржани од државата нема да има севкупен развој на државата, рече претседателот на средбата во Сојузот на стопански комори.
Тој потенцира дека во изминатите години политичарите не му помогнале многу на бизнисот и порача дека состојбите мора да се променат и да се ослободи бизнисот од политиката.
– Изминатите 30 години како независна држава политиката превеше се и преку поларизцијата и на многу други начини да го попречи бизнисот и што е најтрагично да го стави под своја капа. Бизнис-политичко менаџирање е со ефект само за оние што го менаџираат, а не и за граѓаните. Јас се надевам дека последниве две години имаме позитивни исчекори во таа насока, дека бизнисот треба постепено да се ослободува од политичките стеги. Во изминатите 10 и кусур години бизнисот беше комплетно потчитнет на тогашната политичка гартитура на власт, рече Пендаровски.
Според него, економскиот раст е приоритет и треба сите капацитети да се соберат и да се искористат во таа насока, а политиката да не го попречува тоа.
– Концептот за економски развој меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и кој било друг не треба да биде камен на сопнување, ако ние се договориме дека приватниот сектор мора да оди напред и дека мора да имаме амбиент во кој приватниот сектор ќе ја влече целата економија напред. Тука треба да се договориме со практични мерки, што значи системските закони во таа смисла би било пожелно да се носат со две третини или поширока согласност, рече претседателот на државата.
Тој порача дека најдобро е да има директна комуникација со бизнис заедницата, бидејќи, како што рече, во овој дел сме многу назад во однос на другите држави.
– Не треба да губиме години и години само за да направиме базичен контакт. Тоа треба да оди побрзо користејќи ги сите современи технологии и затоа дајте го својот импут, рече Пендаровски, кој, исто така, им порача да го информираат за некое законско решение да не потпише указ, доколку сметаат дека не е во нивни интерес.
Шефот на државата се осврна и на она што е во негова надлежност, назначување амбасадори за што рече дека сега веќе полека таканаречената висока политика треба да го отстапува местото.
– Мора да разбереме дека ткн. виосока политика полека треба да го отстапува местото. Полека влегуваме во таа интеграција. По една долга и мачна транзиција треба да ги менуваме и темите на дневен ред. И во надворешната политика и дипломатијата да пуштаме луѓе кои се познавачи на економијата, знаат нешто од тоа, не како до сега да се занимаат само со висока политика. Тоа треба постепено да престане да биде пракса. Ако нема таков профил за амбасадор тогаш да најдеме 2-3 други во рамки на дипломатско-конзуларните претставништа, истакна претседателот Пендаровски.
За претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска важно во делот на економската дипломатија е лицата кои се кадровски решенија за поставување во допломатските претставништва да имаат вештини и желба да делуваат на промоција на земјата како инвестициска дестинација, но и да служат како линк за деловната заедница во државата каде се поставени како дипломати.
– Потребно е да се поттикне зголемувањето на надворешната трговија особено на извозот и негово поттикнување со оглед на тоа што пет отсто од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници, рече Арсовска.
Таа ги посочи најважните структурни реформи што треба да бидат приоритет за национална и економска перспектива, а врз кои свое влијание има и претседателот како институција, а кои се однесуваа на приоритетите што ги претставија пред шефот на државата.