Каков ќе биде односот помеѓу Кристијано Роналдо и новиот тренер на Јувентус, Маурицио Сари? Ова е едно од главните прашања во Италија пред почетокот на сезоната. Вчера гигантот од Торино драматично загуби од Тотенхем со 2:3 по гол од центарот во 92-та минута на Хари Кејн.
Покрај убавиот гол, на пријателскиот натпревар имаше уште еден интересен момент. Три минути по голот на Кристијано за 2:1, Португалецот беше заменет. Кога излезе од теренот, италијанскиот стратег му кажа нешто на офанзивниот фудбалер и потоа следеше „ладен” поглед од суперѕвездата.
На прес-конференцијата по мечот, Сари го пофали освојувачот на пет „Златни топки” и јавно го ослободи од дефанзивни функции.
– Кристијано, се разбира, е најдобриот играч во нашиот тим. Затоа треба да се организираме многу добро. Останатите десет играчи треба да учествуваат во фазата на „одбрана”, но Кристијано може да трча било каде на теренот. Тој е најдобар играч и затоа мислам дека е многу важно за него да има слобода на теренот”, рече тренерот на „црно-белите”.