Новиот тренер на европскиот ракометен шампион Вардар, Давид Писонеро за сајтот на клубот изјави дека се чувствува многу добро во Скопје. Тој вели дека добил многу добра препорака за градот од неговите пријатели како добро место за работа и живеење. Новиот тренер има сериозна цел, да го повтори она што неговите претходници веќе го направија – да научи Македонски.
Тој смета дека она што го има Вардар е навистина извонредно.
– Кога влегов во салата се возбудив. Го гледаш ова култно место. Се изгледа поинаку кога си тука, на терен, на клупата и горе го гледаш семафорот. Ракометот тука поинаку се доживува, се е посветено на овој спорт. Тоа е разликата со Шпанија, вели Писонеро
„Црвено-црните” летоска привлекоа шест нови ракометари, но шпанскиот тренер е задоволен што тимот го задржал костурот и е на исто ниво како досега.
– Клубот направи добра работа што го задржи костурот и тимот е на исто ниво како и досега. Милам дека треба мали промни да се направат, и да се продолжи во истата насока. Засега тимот е тој што го имаме. Имам други работи да направам за да ја склопам сложувалката, вели Писонеро.
СЕХА лигата и ЕХФ Лигата е главните предизвици за „црвено-црните”. Во СЕХА лигата тимот ќе биде во група со два нови тима, Мотор Запорожје и Татабања, заедно со Нексе, Татран и Војводина. Според тренеротна вардарци, СЕХА е добра основа за подготовка за ЛШ.
– СЕХА лигата секоја година се подобрува и станува многу силна. Тоа е добра основа за подготовка за ЛШ. Сега имаме и нови тимови како Веспрем, Мотор и Татабања и тие се добри. Има 8 екипи што секогаш можат да бидат во самиот врв. Затоа секој натпревар ќе биде интересен и неизвесен, смета Писонеро.
Во ЕХФ лигата на шампионите Вардар е во група со Веспрем, Кјелце, Мешков, Мотор, Монпелје, Порто и Кил, а тренерот таму очекува неизвесна битка.
– Во ЛШ ќе биде исто така неизвесно, можеби нема многу звучни имиња, но сите се подеднаков добри, доаѓа Кјелце, Веспрем, а тие играа на Ф4 турнирот. И Кил е голем клуб. Сите натпревари ќе бидат неизвесни и интересни, вели Шпанецот,цитиран од сајтот на Вардар.
За утре е закажана првата прозивка кога новиот тим ќе ги почне подготовките за сезоната во која ќе брани три важни трофеи, во првенството на Македонија, во СЕХА Газпром лигата и во ЕХФ Лигата на шампионите.
По Скопје, тимот заминува за Требиње на подготовки и турнир, па на крајот на август ќе игра на Супер Глоуб во Саудиска Арабија.
Писонеро е третиот Шпански тренер што ќе седне на клупата на „црвено-црните”, по Раул Гонзалес и Роберто Парондо.