Руската амбасада во Техеран е во контакт со иранските власти поради рускиот екипаж на танкерот под знаме на Велика Британија што беше запленет на иранското крајбрежје, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Михаил Богданов, пренесува „Спутник“.
„Амбасадата е на задача, сите се на работа. Сите услуги, сите канали се активни, ние сме во близок контакт со Иранците”, изјави Богданов .
Иранската војска минатиот петок го зароби танкерот за нафта „Стена имперо” во Ормускиот Теснец поради наводно непочитување на правилата за поморство. Неговиот екипаж од 23 лица, меѓу кои и тројца Руси, останува на бродот, кој е закотвен во иранското пристаниште Бандар Абас.
Шведскиот сопственик на танкерот, „Стена балк“, изјави дека изминатиот викенд поднеле формално барање до пристанишните власти, барајќи да се сретнат со морнарите и чекаат одговор. Иран вели дека морнарите се во добра здравствена состојба.