Американскиот кошаркарски тим, кој ќе се бори за третата последователна светска титула во септември, ќе отпатува за Кина во изменет состав, во однос на оној што првично беше најавена.
Тренерот Грег Поповиќ повика 21 кошаркар за почетокот на подготвителниот камп во Лас Вегас, но во последен момент седум од нив ги одбија поканите. Претходно овој месец тоа го направија Ентони Дејвис од Лос Анџелес Лејкерс и Џејмс Харден од Хјустон Рокетс, а во последните 72 часа Ерик Гордон (Хјустон Рокетс), Си Џеј МекКалум (Портланд Трејлблејзерс), Зајон Вилијамсон (Њу Орлеанс Пеликанс) и Тобајас Харис (Филаделфија 76-ерс) исто така ја одбија поканата поради нивната желба целосно да се концентрираат на претстојната НБА сезона.
Девојката на Бредли Бил од Вашингтон Визардс очекува дете кон крајот на август или почетокот на септември, па и тој е аут од сметките на Поповиќ.
Поради тоа, американската федерација мораше да дејствува итно, и во составот беа повикани напаѓач Маркус Смарт од Бостон Селтикс и крилото на Чикаго Булс – Тадиус Јанг.
Во моментов проширената група, на која ќе се потпира Поповиќ се состои од 16 кошаркари – бековите Демијан Лилард, Кемба Вокер, Кајл Лори, Донован Мичел, Џејсон Тејтум и Маркус Смарт, крилата Крис Мидлтон, Кевин Лав, Пол Милсап, Харисон Барнс, Кајл Кузма, Тадиус Јанг и Пи Џеј Такер и центрите Андре Драмонд, Мајлс Тарнер и Брук Лопез.
Почетокот на подготвителниот камп на Американците е на 5 август во Лас Вегас, а нивниот прв натпревар од СП е на 1 септември против Чешка. Во групата „Е” се уште и екипите на Турција и Јапонија