Најголемата невладина хуманитарна организација во светот, Лајонс клубс интернешнал (Lions Clubs International), во Милано ја одржа 102-та Меѓународна конвенција, на која уште еднаш беа потврдени мотото на лајонси – „Служиме” (We Serve), мисијата и визијата за дејствување.
На светскиот самит во Италија, македонските и други лајонси од 125 држави во светот ги славеа основачот Мелвин Џонс и неговата порака од далечната 1917 година, која гласи: „Не си постигнал ништо ако не сториш нешто за оние на кои им е потребна твојата помош.”
Според востановената традиција, светскиот собир и во Милано почна со парада на нациите, на која лајонсите ги презентираа своите национални обележја, ора и танци, а од грлата на македонските лајонси ечеше песната „Македонско девојче”. На атрактивниот собир пред миланската катедрала Дуомо, лајонсите од сите континенти потсетуваа на хуманитарни акции, предлагаа нови и, секако, неизбежно за сеќавање на големиот настан се фотографираа на различни локации во градот и МиКо-центарот каде што се одржа работниот дел од конвенцијата.
За потсетување, скратеницата LIONS е изведена од англиските зборови Liberty-Intelligence-Our-Nation’s-Safety, а тоа во слободен превод значи слободно здружување на интелегенцијата од различни нации, која според последните податоци брои над 1,4 милион членови кои ја потврдуваат својата загриженост за различни проблеми во светот и помагаат во нивно решавање. Да се биде во служба на заедницата е исклучително значајно, потврдија лајонсите, кои на конвенцијата во Милано информираа дека во текот на 2018 година, меѓу другото, донирале два милиони долари за санирање и спречување природни катастрофи, два милиони долари за проекти посветени на борбата против дијабетесот, доделени се бројни грантови за проекти за заштита на животната средина, борба против гладот, како и проекти за помош на лицата со целосно или делумно оштетен вид, затоа што лајонсите се прогласени за витези на слепите во борбата против теминината. Водени од принципот потребна е моќта на секој и од секој, на посебна стручна дебата акцент беше ставен на сè почестата појава на заболувања од рак/канцер кај најмладата популација, односно децата, и затоа беа понудени посебни програми за намалување на овие проблеми.
Македонските лајонси имаа забележителна улога и видливост на конвенцијата во Милано, а како актуелен претседавач на Лајонс Европа форум што минатата година се одржа во Скопје, организацискиот комитет предводен од основачот на првиот македонски Лајонс клуб во 1997 година и прв македонски лајон, Небојша Давидовски, оствари повеќе средби со високи претставници на лајонс-дистрикти од различни држави. За македонската делегација во просториите на Амбасадата на Швајцарија во Милано беше приреден прием, а Давидовски со генералниот секретар Звонимир Цветановски на мултидистриктот Швајцарија-Лихтештајн им доделија кристална плакета во знак на благодарност за поддршката на лајонс-форумот што се одржа во Скопје.
На конвенцијата во Милано беше доделена и наградата „Постер на мирот”, што годинава му припадна на младиот 13-годишен сликар аматер од Тајван, Ји Чич Ли, кој на својот цртеж со наслов „Добрината е важна” меѓу другите го наслика и македонското знаме.
Побогати со уште едно светско искуство и со нови пријатели, македонските лајонси, кои во наредниот едногодишен период ќе ги предводи Елизабета Србиновска Костовска, лекар и професор на Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, освен генералната програма, ќе реализираат и домашни проекти.
– Моите претходници направиле и одржуваат многу контакти со лајонси од различни држави и тоа ќе го негуваме затоа што сите нас нè поврзува хуманитарниот сервис. Ние и во наредниот период ќе бидеме таму каде што сме потребни, нема да го штедиме нашето слободно време и ќе го вложиме во заедницата. Моето мото е „Помагај за да почувствуваш задоволство” и верувам дека тоа ќе ги мотивира сите членови да се вклучат во хуманитарниот сервис и во проектите што ги поттикнува светската лајонс-организација, рече меѓу другото Србиновска Костовска за време на Меѓународната лајонс-конвенција во Милано.
Следниот светски собир на лајонси е в година во Сингапур, а во меѓувреме македонскиот организациски комитет ќе им помага на лајонсите од Естонија, ќе сподели програмски искуства, методи за лобирање и афирмирање на октомврискиот европски собир што ќе се одржи во Талин.