Во Министерството за внатрешни работи се уште опстојуваат и работат раководители на кои им е важно само на кој начин да ги вознемируваат вработените со кои раководат, а кои одбиваат да постапуваат за нивно лично задоволство и спротивно на позитивните законски прописи беспоговорно извршуваат секакви други работи кои не се во доменот на нивниот делокруг на работа, истакна на денешната прес-конференција претседателот на Независниот синдикат на полицијата (НСП), Гоце Делчев Тодев.
Тој информира дека во изминатиот период биле покренале дисциплински постапки против членови, но и претседатели на синдикални организации и синдикални подружници.
– Некој се обидува дури и да манипулира и лажно да го известува и самиот министер за внатрешни работи со што давам и пренесувам јавен апел кон министерот да внимава во сите извештаи, во сето она што го добива како допис од страна на одредени дисциплински комисии, членови и претседатели на дисциплински комисии, кои се во рамките на самото Министерство и кои во изминатиот период вршат одредени постапки и едноставно ги завршуваат процесите во делот на сето она за што наводно одредени претставници во Министерството се огрешиле од законот, односно од Колективниот договор и врз основа на одредени членови се давани на материјална и дисциплинска одговорност. Впрочем, наместо Министерството за внатрешни работи и вработените да се зафатат за решавање на бројни прашања кои се во делот на криминалот, делот на јавен ред и мир, делот на сето она што се вика полициска работа во Министерството за внатрешни работи во самата држава, ние се занимаваме сами со себе и тоа е практично круна на она што ни се случи во изминатите неколку дена во Секторот за внатрешни работи, рече Тодев.
Тодев посочи дека имаат докази за бројни дисциплински постапки, особено против претседател на синдикална организација, член на претседателство на Независниот синдикат, против кого се води хајка.
– Впрочем, полициски службеник против кого има кривична постапка му се овозможува да е на највисоко полициска функција, односно на местото виш полицаец во неговиот ранг, но без безбедносен сертификат кој треба да го поседува. На истиот му се дава да води безбедносен сектор во СВР, а од друга страна инспектор кој е член на претседателството на Независниот синдикат е мета на хајката што се спроведува неколку месеци наназад, истакна Тодев, додавајќи дека „има 50-тина настани со обиди за убиство на полициски службеници”.
Од НСП апелираат дека е дојдено крајно време нивните дадени насоки за функционирање и исправување на грешките да бидат земени предвид со цел на граѓаните да им се обезбеди побезбеден живот во државата.