Првиот човек на СЈО, Катица Јанева денеска за прв пат се појави во јавноста по обелоденување на аферата „Рекет“ и на прес конференција во просториите на обвинителството се огради од сите шпекулации за нејзината поврзаност со случајот.
Иако на новинарите им рече дека ѝ било тешко што досега не се јавила со коментар, како што рече да не ја наруши истрагата, таа немаше доволно храброст да се соочи со прашањата на новинарите. Во своето шестминутно излагање, односно читање на говорот, кој најверојатно мисли дека треба да ја убеди јавноста во нејзината невиност, не покажа доволно аргументи во тоа што го збореше.
За разлика од порано, таа на прес конференцијата се појави сама, немаше никој од нејзините колеги обвинители, како што тоа се случи на прес конференција пред осум дена на која Ленче Ристоска, зад која застанаа нејзините колеги, рече дека дејствијата на поединци не ги карактеризираат дејствувањата на целата институција, бидејќи СЈО е институција во која работат обвинители и истражители со висок интегритет.
Фото: Слободан Ѓуриќ