Индија негира дека нејзиниот премиер некогаш побарал од американскиот претседател Доналд Трамп да посредува во долготрајниот спор околу Кашмир, откако Трамп даде коментар за тоа на состанокот со пакистанскиот премиер во Вашингтон, пренесува РТ.
„Немало такво барање од страна на премиерот Нарендра Моди до американскиот претседател. Ставот на Индија отсекогаш е дека сите отворени прашања со Пакистан се разгледуваат само билатерално”, објави на Твитер во понеделникот портпаролот на индиското МНР, Равеш Кумар.
Претходно истиот ден Трамп му беше домаќин на пакистанскиот премиер Имран Кан во Белата куќа и во текот на 40-минутната прес-конференција потсети дека две недели претходно Моди побарал од него да биде посредник во спорот во Кашмир.
Трамп го рече ова откако Кан го споменал Кашмир, посакувајќи САД да го протуркаат овој процес и нагласи дека повеќе 1,25 милијарди жители на потконтинентот се заложници на кризата со децении.
„Вложивме максимален труд, се обидовме на секој начин да почнеме дијалог со Индија за да ги решиме нашите разлики, но, за жал, не напредувавме”, рече Кан, додавајќи дека се надева оти САД како најмоќна земја во светот би можеле да ги седнат Индија и Пакистан на иста маса.
Кашмирскиот конфликт датира од поделбата на Индија по 1947 година, по заминувањето на британските колонијални власти, со што денешниот Пакистан и Бангладеш беа основани како две главно муслимански држави на потконтинентот.
Махараџата од Џаму и Кашмир првично се обиде да го одржи регионот независен и неутрален, но на крај застана на страната на Индија околу територијалниот спор со Пакистан.
Оттогаш, територијата е поделена – Пакистан ги контролира северните и западните делови, Индија централниот и јужниот дел, а Кина презеде две области на североисток.