Конкретните мерки што владата ќе ги преземе за помош на настраданите од ланските пожари, новите закони што по итна постапка ќе стигнат во Парламентот во следните две седмици, како и закажаните патувања на Кирјакос Мицотакис, ги соопшти портпаролот на грчката влада, Стелиос Пецас на денешниот прв, редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада рече дека првото официјално патување, на премиерот на Грција во странство ќе биде на Кипар, на 29 и 30 јули, задржувајќи ја досегашната традиција, но и како што рече „од симболични и суштински причини”.
На крајот на август, поточно на 29-ти, ќе го посети Берлин, во Холандија ќе биде на 2 и 3 септември, а по 20 август се очекува да замине за Париз.
За помош за погодените од ланските катастрофални пожари во источниот дел на областа Атика, Пецас го спомена она што грчкиот премиер го соопшти синоќа од собраниската говорница и објасни дека од оние 31 милион евра на специјалната сметка за донации, дел ќе бидат наменети за бесплатен пристап до лекови, терапија и лекарска помош за граѓаните со сериозни и тешки изгореници. Десет милиони евра ќе бидат наменети за 4.334 жители на Мати да се ослободат од плаќање на специјалниот данок на сопственост на недвижен имот, а 20 милиони евра ќе бидат наменети за обнова на погодените региони.
Во однос на приоритетите на Владата во врска со новите закони, Пецас објасни дека во следните денови во Парламентот ќе бидат доставени првите три што треба да се изгласаат, а се однесуваат на пофункционална држава, намалување на даноците, укинување на студентскиот имунитет и промени во Кривичниот законик.