Во Собранието на РС Македонија денеска се одржа работна средба на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ со Ирфан Ченгиќ, пратеник од Парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина на која разговарале за повеќе актуелни политички и социјални теми, унапредување на пположбата на Бошњаците во земјава но и меѓусебната соработка на двата парламенти.
На средбата, како што соопшти Движење АВАЗ, станало збор за почитувањето и унапредувањето на основните човекови права, како и за продлабочување и интензивирање на соработката помеѓу Парламентите на двете држави. Исто така, биле разменети мислења и било констатирано дека е потребно да се подобри положбата на Бошњаците во Република Македонија, во делот на образованието и културата, како и да се изнајдат начини за поголема нивна поддршка во литаратурата преку директна помош во книги.
Соговорниците на средбата разговарале и за престојниот попис на населението кој, како што истакнал Рамчиловиќ, е од исклучително значење за бошњачката заедница во Македонија, и за изборниот законик и загарантираните места за помалкубројните етнички заедници по принципот на државите во регионот.
-Ова е прва средба на ова ниво на која што отворивме многу прашања кои се значајни за Бошњаците во Македонија. Пред се во почитувањето на човековите права и подршка за воведување на загарантирани места во Собранието за помалкубројните заедници. За соработката за претстојниот попис на населението кој е од исклучително значење за Бошњаците, но и околу директна помош во книги и литература во образованието. Во наредниот период очекувам конкретни чекори, истакнал Рамчиловиќ на средбата.
На оваа средба Ченгиќ, ја потврдил искрената и безрезервната лична поддршка.
-Ќе се залагам да се воспостават подобри услови во образованието и дека државата Босна и Херцеговина потребно е да посвети повеќе внимание на Бошњаците во Република Македонија, особено кога се во прашање и станува збор за нивните политички права и нивното застапување во Парламентот на Република Македонија, истакнал Ченгиќ на денешната средба со Рамчиловиќ.