Реализацијата на магистралниот гасовод во реонот на Тетовско достигнува 40 отсто и се очекува брзо напредување поради решените предмети поврзани со експропријацијата. Ова го истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешната посета на Тетовско каде изврши увид во обновата на патото од Тетово до Попова Шапка.
-Изградбата на капитални проекти е врвен приоритет на нашата Влада. Во моментов се работи во сите сфери и во патната, железничката и гасоводната инфраструктура. Задоволен сум од динамиката на тоа што се случува со магистралниот гасовод. Добро оди динамката на изградба на гасоводната магистрална мрежа од Скопје до Тетово и Гостивар. Лани беа решени голем број предмети од експропријацијата што беа сериозен проблем. Овој дел од гасоводот чини 29 милиони евра и реализацијата е околу 40 проценти, изјави Сугарески.
Тој истакна дека со градоначалничката Теута Арифи разговорале и за тоа како оди процедурата за дистрибутивна мрежа во градот.
-Очекуваме наредната година институциите да бидат први кои ќе се приклучат на гасоводот. Се разбира ако општината ги направи нивни работи да можат да бидат приклучени прво институциите, а потоа и домаќинствата во Тетово, рече Сугарески. ас/вј