16-годишната шведска активистка за животна средина, Грета Тунберг беше поканета на средба со група пратеници во францускиот парламент во вторник попладне, каде што најверојатно ќе добие студени реакции од група десничарски пратеници.
Во саботата, Гијом Лариве, претседателски кандидат на Лес Републиканс, ги повика своите колеги да го „бојкотираат“ говорот на Тунберг во Националното собрание.
„Не ни требаат апокалиптични гуруа за паметно да се избориме со климатските промени, туку научен напредок и политичка храброст“, рече тој.
Републиканецот Џулиен Ауберт, исто така, објави дека нема да дојде, како што рече тој, „да ѝ аплаудира на пророчицата во шорцеви“.
Тој ја нарече Тунберг „добитничка на Нобеловата награда за страв“.
Во видео-интервју со францускиот портал „Конбини“, Тунберг одговори на критиките велејќи: „тие повеќе се плашат од мене и од протестите на младите активисти отколку од вистинскиот проблем“.
Тунберг беше поканета во францускиот парламент од 162 пратеници на транспартиската климатска група наречена „Акцелерон“. Таа ќе одржи средба отворена за другите пратеници и ќе присуствува и на седницата на владата.
Лидерот на една од четирите зелени партии, Делфин Бато, го критикуваше ставот на пратениците кои се противат на доаѓањето на Тунберг.
„Мораме да веруваме дека сме во драматична ситуација, а дури е и трагично што младите ги читаат извештаите … повеќе од многу политичари“.
Секретарот на Социјалистичката партија, Оливие Форе, исто така реагираше на заканата од бојкот.
„Гневот треба да влијае врз сите. Не ни треба бојкот, напротив, треба да кажеме дека не правиме доволно. Оваа девојка има неверојатна улога во глобалната свест во Европа, дури и во светот“.
Во петокот, 16-годишната Грета доби пофалба на германската канцеларка Ангела Меркел, а во неделата доби награда од 25.000 евра доделена од ветераните од Втората светска војна во северна Франција.
Тинејџерката сега е едно од водечките лица во борбата против глобалното затоплување. Таа има јасна порака дека оние што се на врвот треба да сторат повеќе за да ги спречат емисиите на штетни гасови и да преземат мерки за спречување на климатските промени.