Кабинетот на косовскиот премиер во оставка, Рамуш Харадинај потврди дека неговиот лет за Хаг, преку Виена, е одложен за неколку часа, пренесе приштински „Експрес“.
Летот е одложен поради доцнење на авионот на „Аустриан Ерлејнз“.
Како што претходно беше најавено, Харадинај во Хаг ќе патува преку Виена.
Харадинај на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека во Хаг патува како обичен граѓанин но, сепак, на аеродромот пристигна со придружба и ротација.
Харадинај синоќа во интервју за приштинската телевизија „Т7“ потврди дека денеска ќе замине за Хаг, каде во Специјалниот суд ќе биде сослушан како осомничен.