Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ на прес конференција рече дека Владата предводена од СДСМ продолжува со реализација на мерките што обезбедуваат подобар живот и повеќе пари за граѓаните.
-Платите продолжуваат да растат. Со исплатата на јунската плата, стручниот кадар во градинките доби зголемување во просек од 16 отсто што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен. Тоа значи дека над 3.100 лица вработени во градинките односно воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст добиваат значително повисоки плати, рече Костадинов.
Истовремено, поголеми плати добива и помошно техничкиот персонал во градинките, покачување што е усогласно со Колективниот договор.
-Со планираното покачување од 5 отсто во септември годинава вработените во детската заштита ќе добијат уште едно зголемување со што вкупното покачување на платите ќе биде 21 отсто што е најголемо до сега. Во изминатите две години спроведовме низа мерки што ја унапредуваат детската и социјалната заштита. За само две години отворени се 24 нови градинки, а досега се обезбедени 1.400 согласности за вработувања во градинките. Како одговорна партија продолжуваме да вложуваме во подобрување на условите за работа во детската заштита и реализација на мерки за унапредување на раниот детски развој којшто е клучен за понатамошниот развој на секое дете, рече Костадинов.