Документарниот филм „Медена земја” (Honeyland) од 26 јули ќе се прикажува во кината во САД. Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон”, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, македонскиот победник на „Санденс” ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли Ројал” (Laemmle Royal) во Лос Анџелес и „Куад синема”(Quad Cinema), Њујорк.
Стартот на проекциите е одбележан со средба на режисерите на „Медена земја” ‒ Љубо Стефанов и Тамара Котевска со публиката и претставници на медиумите, во Лос Анџелес (22-23 јули) и во Њујорк (25-27 јули).
Во меѓувреме, филмот беше прикажан во „Синема Детроит” (Cinema Detroit) во Детроит, како и во „Реј старк фемили театар” (The Ray Stark Family Theatre) и во Универзитетот на Јужна Калифорнија во Лос Анџелес. На 24 и 25 јули следуваат проекции во „Џејкоб Брнс филм центар” (Jacob Burns Film Centre), а ден подоцна и во „Куад синема” (Quad Cinema) во Њујорк. На 16 август ќе игра во Форт Колинс, Колорадо.
Дистрибутерот на филмот во САД, „Неон”, иако е млада компанија, изминативе неколку години застапува познати и наградувани нови наслови како: „Border”, „Colossal”, „I, Tonya”, „Borg vs McEnroe”, „Revenge”, „Ingrid Goes West”, „Monsters and Men”,„Wild Rose”,„The Beach Bum”, „Little Woods”, како и документарците „Apollo 11″ и „The Biggest Little Farm”.
„Медена земја” ќе може да го погледне и публиката во Австралија на 31 јули на фестивалот Stronger Than Fiction во Канбера, а на 2 и 18 август во Мелбурн.
Во текот на летото продолжува учеството на филмските фестивали, меѓу кои и на еден од најголемите во регионот ‒ „Сараевскиот филмски фестивал”, кој ќе се одржи од 16 до 23 август.
Кон крајот на август ќе биде прикажан пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас, „Македокс”, по што ќе се најде на редовниот репертоар во македонските кина.
Документарецот „Медена земја”, кој по триумфот на филмскиот фестивал „Санденс”, беше прикажан и награден на повеќе од 20 филмски фестивали, го очекуваат кинодистрибуции во: САД, Канада, Англија, Германија, Австрија, Полска, Белгија, скандонавските земји, Шпанија, Турција, Кина, Јужна Кореа, па сѐ до Австралија.
Долгата листа на признанија деновиве беше збогатена со специјалната награда од жирито на фестивалот за документарни филмови во Исланд, „Ајсдокс” (Icedocs FF).
Не запираат и позитивните коментари од познатите филмски критичари во светските медиуми. Најнова, во низата одлични рецензии е од Ентони Лејн за влијателниот „Њујоркер”. Во статијата, која деновиве беше објавена во онлајн изданието, новинарот вели дека „документарецот „Медена земја” потсетува на тешката, исконска вистина за родителите, децата, алчноста, почитта и за потребата од внимателно искористување на ресурсите”. Воедно, препорачува филмот да се гледа во друштво на нервозни млади двојки или идни родители, и да се проследат нивните реакции, откако ќе видат во какви услови живеат децата од документарецот. Текстот ќе биде објавен и во печатеното издание на „Њујоркер” на 29 јули, под наслов „Скротување на природата” („Taming Nature”).
На официјалната страница на филмот, honeyland.earth се наведени сите претстојни проекции и гостувања. На неа сѐ уште е актуелна кампањата за донација за протагонистите во „Медена земја”.