Скопјани и охриѓани рекордери во плаќање казни од Пазарна инспекција, за една година платиле половина милион евра

Небезбедни отровни играчки, непочитување на Законот за пушење, непочитување на Законот за потрошувачи и трговија, што уште не. За една година Пазарната инспекција од казни инкасирала 1,7 милиони евра. Според извештајот за 2018 година, до кој дојде 24 Инфо, најмногу казни платиле во Скопје-382, следен е Охрид со 237, а трет на листата е Штип со 139 казни. За истиот период одзмена е роба во вредност од над 30.000 евра од нерегистрирани трговци. 

Одделението за безбедност на производи во текот на 2018 година изврши вкупно 936 надзори согласно Законот за безбедност на производи, Законот за градежни производи и Законот за надзор на пазарот. Предмет на контрола согласно Законот за безбедност на производи во наведениот период беа детските играчки, детската облека, новогодишни сијалици, детска опрема – проодувалки и апарати за домаќинство. Предмет на контрола согласно Законот за градежни производи беа агретати, прозори и врати, арматурна мрежа и бекатон плочи. Од промет се повлечени 35 различни видови на производи кои не ги исполнуваат пропишаните барања за безбедност и тоа 12 различни видови на играчки, 11 различни видови на детска облека, 6 видови на новогодишни сијалици, 5 видови на детски проодувалки и 1 градежен производ – бекатон плочи- стои во Извештајот.

Во 2018 година, донесени се 560 решенија во управна постапка.Спроведени се 1.124 едукации, за кои согласно законските одредби е предвидено едуцирање на сторителот на прекршок.Во постапка за порамнување издадени се 1.397 прекршочни платни налози на износ од 86.230.962 денари. Наплатени се 710 прекршочни платни налози во вкупен износ од 19.243.900 Издадени се 161 мандатни платни налози во износ од 3.212.631денари. Наплатени се 105 мандатни платни налози во вкупен износ од 1.728.244 денари. Во текот на 2018 година инспекциски надзор е извршен кај 22.000 субјекти (физички и правни лица)

– Решенијата во управна постапка се носат веднаш по сочинувањето назаписникот во законски пропишаниот рок. Во Државниот пазарен инспекторат нема решенија кои не се донесени од страна на државните пазарни инспектори. Поради тоа што во Државниот пазарен инспекторат нема софтверска апликација за евидентирање на инспекциското работење, податоците за статусот на управните решенија ( правосилно одбиени, број на прифатени жалби и тужби) не може да се презентират во извештајот. Истото се однесува и за статусот на поднесените прекршочни пријави до прекршочните комисии и основни судови, како и за статусот на поднесените кривични пријави- стои во извештајот.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави