Истражните органи досега не ме контактираа во врска со случајот „Рекет“, изјави денеска градоначалничката на Битола, Наташа Петровска одговарајќи на новинарско прашање дали е вклучена во истражните дејствија на надлежните органи за овој случај.
-Во овие околности не сакам да зборувам за постапка и процес што ги водат други органи. Кога ќе бидам запрашана од надлежни институции ќе дадам одговор, кусо изјави Петровска, додавајќи дека доколку тоа од неа биде побарано веднаш ќе се јави пред надлежните органи.
Премиерот Зоран Заев пред околу еден месец на пратенички прашања во Собранието кои се Коки и Кики и дали знае која градоначалничка се обиделе да ја рекетираат барајќи од неа бесплатна локација за градба и неплаќање комуналии во износ од 1 милион евра, рече дека за случајот се води истрага и дека е информиран за нивниот обид за изнуда кај градоначалничката на општина Битола, но таа ги одбила.
(Фото: Битолски Весник)