Општина Карпош ја започна акцијата за ослободување на заробените дрвја, чии стебла и корења се узурпирани од бекатон плочки, асфалт и други градежни материјали. Како резултат на несоодветно изведување на градежните работи, околу 40 високоразвиени дрвја во Карпош беа заробени.
Активностите за нивно ослободување започнаа од Карпош 2, од ул. „Веселин Маслеша“, каде што градоначалникот Стефан Богоев зборуваше за придобивките од оваа акција за грижа за постоечкото зеленило.
– Развиените дрвја ја апсорбираат прашината и штетните гасови за 30 до 40 отсто повеќе во споредба со младите дрвја, затоа, заедно со Градот Скопје ја започнавме оваа акција на мапирање на дрвјата и нивно ослободување од градежни материјали.
Јас и во предизборието говорев дека покрај засадување на нови дрвја, ќе водиме сметка и за заштита на постоечкото зеленило. Борбата за намалување на аерозагадувањето се води секојдневно, а не само во месеците кога тоа е најгорлив проблем, рече Богоев.
Според истражувањата на граѓанските организации кои работат на оваа проблематика, старите (повеќедецениски) дрвја кои се со развиени крошни вршат значително поголема функција од младите дрвја, и важни се за севкупниот биодиверзитет.
Пред претставниците на медиумите се обрати и портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, кој напомена дека оваа акција се спроведува во Карпош, Центар, Аеродром и Чаир. До овој момент се ослободени 150 дрвја на територија на главниот град. Салиху апелираше до сите граѓани, правни лица (угостителски објекти и градежни компании), да се грижат за околното зеленило и целокупната животна средина.