Прилепската градска болница „Борка Талески” денеска доби донација, ново опремено санитетско возило, марка „мерцедес”, подарок од Република Турција и од турската државна агенција за соработка и координација „Тика” која долго време донира потребни материјали во повеќе сфери од живеењето во Македонија.
При предавањето на донацијата присуствуваа амбасадорот на Република Турција Тулин Ерхал Кара, претставници од „Тика”, министерот за здравство Венко Филипче и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој посочи дека локалната смоуправа ја поттикнала акцијата на која сесрдно одговорила турската државна агенција „Тика”.
Според директорот на Прилeпската болница Драган Богоески, донираното санитетско возило е од огромно значење за транспорт на пациентите на клиниките, зашто болницата има застарен возен парк кој недоволен за потребите.
– Ова возило значително ќе ни го олесни проблемот со транспортот на потешко болните пациенти кои треба да се транспортираат на Скопските клиники за натамошно лекување. Располагаме со стар возен парк со кои не можеме адекватно да обезбедиме транспорт на пациентите. Во просек, месечно имаме од 30 до 40 транспорти. Во моментов имаме три санитетски возила, од кои две се многу стари, од 2005 година, амортизирани, недоволно опремени, често се во дефект, а едно возило е позајмено од Службата за Итна помош. Затоа оваа донација е преку потребна и се заблагодаруваме на агенцијата „Тика” и на Република Турција, рече Богоески.
За прилепскиот градоначалник Јованоски ова е голема помош за болницата.
– Задоволството е поголемо зашто она што се договоривме со агенцијата „Тика” веднаш беше исполнето. Возилото ќе им служи на граѓаните, на пациентите, но посакувам што помалку да има потреба од него, рече Јованоски.
Турската амбасадорка Ерхал Кара нагласи дека агенцијата Тика, а преку неа и Република Турција досега излегле во пресрет во околу 1.000 проекти за донирање во сите сфери во живеењето во Република Северна Македонија, а очекува тоа да продолжи понатаму.
-Република Турција е јака, значајна и чест ми е што сум нејзин жител, а чест ми е што турската организација „Тика” од постоењето до денес реализираше околу 1.000 проекти и се надевам дека активностите ќе продолжат и во идниот период. Покрај во здравството, проектите се и во образованието, земјоделството, културата и во сите сфери на живеењето во Република Северна Македонија. Неодамна, на пример беа донирани и две санитетски возила во Гостивар. Нам ни е чест да придонесеме во сите сфери и за сите граѓани без разлика на верската и националната припадност, рече амбасадорката Кара.
Според Министерот за здравство Венко Филипче, покрај со опрема и ова ново санитетско возило, Прилепската болница и кадровски ќе се екипира.
-Имаме одлична соработка со агенцијата „Тика” кои секогаш донираат она што е најпотребно. Особено беше потребна донацијата на интензивната нега на Клиничката педијатрија во Скопје. Инаку, во изминативе две години, во Прилепската болница е примен рекорден број на персонал, над 30 здравствени работници на неопределено време и уште толку со договор на дело на кои ќе им се трансформира работниот однос во неопределен. И Прилепската болница заедно со 45 до 50 здравствени установи во земјава ќе бидат реновирани со осовременување на болничките соби, а процесот го почнуваме до крајот на оваа година. Во прилепскиот Здравствен дом во тек е акцијата на примање на сите невработени доктори и медицински сестри со цел да се зајакне целокупниот здравствен сервис во градот и околината, рече Филипче при денешната донација на санитетското возило за Прилепската болница од турската агенција „Тика”.