Македонскиот филм „Господ постои, нејзиното име е Петрунија” на режисерката Теона Митевска, по селекцијата во Берлин и успесите на неколку други филмски фестивали, влегува во трка за престижната награда „Лукс” што ја доделува Европскиот Парламент.
Како што информира на денешната прес-конференција претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија” е номиниран за наградата „Лукс” заедно со шпанско-францускиот филм „Кралство” на Родриго Сорогојен и „Нерешениот случај Хамарскјолд” на Мадс Бругер во данско-норвешко-шведско-белгиска копродукција.
На прес-конференцијата беше истакнато дека „Господ постои, нејзиното име е Петрунија”, кој е снимен во копродукција со Белгија, Словенија, Хрватска и Франција, претставува „моќно филмско дело кое ја раскажува приказната за една жена која е дел од религиозна церемонија каде имаат пристап единствено мажите, чин што значително придонесува за феминистичката борба на оваа жена – најакутното социјално прашање на нашето време, кое е интензивирано на Балканот”.
Како што соопшти Агенцијата за филм ова е првпат во историјата на доделување на наградата „Лукс” во конкуренција за нејзино освојување да биде и еден македонски филм.
– Радува фактот што македонската кинематографија годинава постигнува максимална видливост од нејзиното постоење до денес. Фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, Санденс и Лос Анџелес станаа секојдневен дострел на македонските филмаџии, а одмерувањето со најдобрите филмски автори во Европа и светот веќе дури не не изненадува. Новата стратегија за развој на филмската уметност, за неполни две години даде фантастични резултати. Честитки за селекцијата за наградите „Лукс” и се надеваме дека континуитетот на афирмација на нашата филмска уметност нема да застане тука, се наведува во соопштението на Агенцијата за филм.
Проекцијата на „Господ постои, нејзиното име е Петрунија” ќе биде на претстојниот филмски фестивал во Венеција.
Инаку, темите што ги обработуваат трите филмови селектирани за наградата „Лукс” ја претставуваат различноста и креативноста на европскиот филм. Во сите три дела е видлив широк спектар на филмски стилови, вклучувајќи документарен филм, социјална драма со елементи на комедија и политички трилер, каде жанровите и родовите се добро балансирани.
Идејата на филмската награда „Лукс” е да се поддржи европската кинематографија и да им се помогне на европските копродукции да бидат видени надвор од националните рамки. Филмовите кандидати за „Лукс” ќе бидат преведени на 24-те официјални јазици на Европската унија и ќе бидат прикажани во повеќе од 50 градови и фестивали во сите 28 земји членки на ЕУ.
Овогодишните филмски денови „Лукс” ќе се одржат во соработката со канцелариите на Европскиот парламент и на МЕДИА програмата низ Европа, со цел поголема видливост и промоција.
На есен, новоизбраните членови на Европскиот парламент ќе бидат поканети да гласаат за еден од трите филма што се натпреваруваат. Победникот ќе биде објавен на 27 ноември на формално заседание на Европскиот парламент во Стразбур. Филмот победник, ќе биде дополнително обработен со прилагодување за лицата со оштетен вид и слух и ќе добие поддршка за меѓународно претставување.
Инаку, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија” беше селектиран за наградата „Лукс” во првиот круг, заедно со уште девет европски копродукции, меѓу кои и филмот „Медена земја” во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов