Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС ja поздравува измената во Законот за здравствена заштита која се однесува на, како што велат, менување на лихварските договори со поповoлни и покоректни услови за специјализирање.
„ЗЛС изминативе години гласно се бореше за позитивни промени на здравствените политики и подобрување на статусот на специјализантите, а сè со само една конечна цел – ублажување на одливот на лекарите од земјава. Во очи на распишаниот конкурс за државни специјализации, изразуваме задоволство што министерот за здравство и пратениците во Комисијата за здравство во Собранието на РСМ ја согледаа реалната тежина на проблемот, ја сфатија ургентноста на ситуацијата и потполно соработуваа за негово решавање“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека ЗЛС исклучиво со граѓански активизам успеа да постави во преден план и да реши неколку приоритетни прашања кои ги засегаа специјализантите, како што се платите на приватните специјализанти, укинување на интермедијалниот испит и видеоснимањето, а сега и менување на лихварските договори.
„ЗЛС ќе продолжи и понатаму активно да ги застапува интересите на специјализантите, до конечно остварување на своите цели и мисија. Следни приоритетни активности се обезбедување исплата за дежурствата, обезбедување придонеси за приватните специјализати, трансформација на кофинансираните специјализанти, подобрување на квалитетот на едукацијата, соодветно вреднување на докторската работа и активно учество во креирање на новата здравствената легислатива“, стои во соопштението.