Српскиот претседател Александар Вучиќ и еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан имаа средба вечерва во Белград, на која е разговарано за ситуацијата на Западен Балкан и за следните чекори на Србија на европскиот пат, јави дописникот на МИА од Белград.
Во дискусијата за регионалната ситуација, претседателот Вучиќ и комесарот Хан посебно разговараа за застојот во дијалогот Белград-Приштина и настанатата ситуација по оставката на премиерот на привремените косовски институции Рамуш Харадинај, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ по средбата.
-Претседателот Вучиќ рече дека Србија во оваа прилика, како и секогаш, реагирала мирно и одговорно. Тој му се заблагодари на комесарот Хан за разбирањето и ангажирањето во деблокирањето на дијалогот помеѓу Белград и Приштина, се додава во соопштението.
Комесарот Хан уште еднаш ја истакнал својата подготвеност да се обиде да помогне за стекнување услови за продолжување на дијалогот помеѓу Белград и Приштина.
– Кога станува збор за европските интеграции, комесарот Хан ја повика Србија да го забрза процесот на реформи и да работи со поголема решителност за владеењето на правото, наведуваат од Кабинетот на српскиот претседател.
Претседателот Вучиќ му честиташе на комесарот Хан за неговата кандидатура за третиот мандат во Европската комисија, која е поднесена од страна на неговата држава, Австрија.
Еврокомесарот Хан утре ја продолжува посетата на Белград, со средба со премиерката Ана Брнабиќ, по која ќе се одржи прес – конференција.