Лекари издавале фиктивни рецепти, а во организација со аптеки лековите биле давани бесплатно на лица кои потоа ги продавале во државата, но и во странство, рече премиерот Зоран Заев. Тој најави дека Владата презема засилени контроли и дека има истрага за злоупотреби со лекови кои кои се даваат на рецепт.
Заев, на седницата за пратенички прашања, обелодени причини откриени низ анализа, зошто граѓаните во државава не можат да дојдат до лекови на рецепт во текот на целиот месец, туку само на почетокот на месецот.
Тој рече дека нешто повеќе од година се работи на ова прашање, дека контролите покажале злоупотреби и дека се прави комплетно информатички систем на контрола и најави целосно решение на проблемот на есен.
„Еден дел на проблемот се јавува кога се издаваат фиктивни рецепти од страна на лекари и истовремено, со добро организирана форма, аптеки, фиктивните рецепти ги примаат и лековите доаѓаат кај луѓе без пари, потоа се тргува со нив во државава и во земји надвор од државава. Тие се незаконски криминални активности, правиме сериозни истраги, ги засиливме мерките на контрола. Од 01 септември до 01 октомври мислам дека ќе го имаме решението. Целта е граѓаните да добијат лекови во кој било дел од месецот“, рече премиерот Заев.
Тој изрази очекување дека на тој начин граѓаните нема да прават т.н.домашни аптеки, во грижа дека нема да најдат лек на рецепт.