Кисела Вода заедно со Градот Скопје спроведе голема акција за уредување на својата територија

Општина Кисела Вода заедно со Градот Скопје спроведе голема акција за уредување на својата територија. На сите јавни површини исчистен е сметот, целосно измиени се улиците и тротоарите со цистерна, искосени се нараснатите тревни површини, исечени се исушените дрвја кои беа опасност за граѓаните, а исчистени се и поголемите диви депонии. Граѓаните во поставените контејнери на ул. „Ратко Митровиќ” кај спортската сала, во паркот „Пушкин” и на крстосницата на ул. „Христо Татрчев” со ул.„ Дебарска”, поточно кај „Гет кафе” денеска имаат можност да го одложат својот кабаст отпад.

Со акцијата опфатено беше и санирање на ударните дупки на поголем дел од улиците.

Оваа голема акција Општина Кисела Вода ја изврши со помош на Градот Скопје и неговите јавни претпријатија „Паркови и зеленило”, „Комунална хигиена”, „Улици и патишта”, „Водовод и канализација” и комуналната компанија „ЕКО Клуб”. Истите ангажираа голем број работници и сопствена механизација.

За успешно завршување на активностите голем придонес дадоа ангажираните сезонски работници и дел од администрацијата на Општина Кисела Вода.

На акцијата за уредување на територијата на општината присуствуваа градоначалниците на Кисела Вода и Град Скопје, Филип Темелковски и Петре Шилегов. Присутни беа и претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ, советникот Стамат Стаматовски и директорот на ЈП „Комунална хигиена” Абдусамет Шабани.

– Станува збор за масовно чистење во кое се вклучени сите технички и човечки потенцијали на градот и на јавните градски претпријатија, помогнати од општините. Во секоја општина веќе се поставени по 3 пункта за одлагање кабаст отпад каде што граѓаните ќе можат да го остават својот отпад од ваков тип. Оваа акција ќе биде проследена и со засилен инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање диви депонии на истите места. Можам да кажам дека за првпат во историјата на Град Скопје денеска е напишана првата кривична пријава за неовластено фрлање смет. Станува збор за лице фатено на самото место, на улицата Александар Урдаревски во општината Бутел. Градскиот инспекторат во соработка со Министерството за внатрешни работи изврши увид, земени се сите докази и е поднесена кривична пријава. Нема да правиме компромис со никого кога станува збор за чистотата во нашиот град. За чистотата во нашиот град ќе се грижиме сите заедно, зашто сите заслужуваме да живееме во многу поубаво и почисто Скопје – рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на денешната акција за чистење на улицата „Христо Татарчев”, во Кисела Вода.

Општина Кисела Вода апелира до граѓаните за почитување на Законот за јавна чистота, да не фрлаат отпадоци надвор од поставените корпи и контејнери за отпад.

Треба да знаете
Последни објави