Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими вршителот на должност помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави за Европа и Евроазија, Филип Т. Рикер.
На средбата беше разговарано за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и САД, за евро-атлантските перспективи на нашата држава, како и за актуелните случувања во регионот.
Двајцата соговорници констатираа дека стратешките односи меѓу Северна Македонија и САД, кои се засноваат на заедничките вредности за мир, слобода и демократија, ќе продолжат да се прошируваат и продлабочуваат во сите сфери од заемен интерес.
Претседателот Пендаровски изрази уверување дека Северна Македонија е силно посветена на зацврстување на стратешкото партнерство со САД, со цел поттикнување на уште подлабоки врски меѓу двете пријателски земји и нивните граѓани.
Претседателот Пендаровски изрази благодарност за безрезервната поддршка и помош што САД ја даваат на нашата држава од самиот почеток на независноста, особено изразена во остварувањето на нашите евро-атлантски аспирации, нашатрајна стратешка определба.
„На тој пат, Северна Македонија ќе продолжи тесно да соработува со САД, како наш долгогодишен сојузник и поддржувач на реформите во областа на одбраната и безбедноста, владеењето на правото и независноста на судството, како и во областа на јавната администрација”, порача претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски изрази очекување дека до крајот на годината ќе биде завршено ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО во сите земји-членки, меѓу кои и во САД, со што Северна Македонија ќе стане 30-та членка на најуспешната воено-политичка алијанса.
„Нашето зачленување во Алијансата ќе претставува конкретна потврда на заложбите на САД за стабилна, сигурна и економски развиена Северна Македонијаи одраз на волјата на мнозинството наши граѓани кои сакаат да ја видат Северна Македонија како членка на евроатлантските институции”, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот нагласи дека Северна Македонија вложи огромни напори за да ја надмине статус-кво состојбата од минатото, додавајќи дека сега е неопходно сите политички чинители заеднички да работат на европската иднина на државата, преку конструктивен политички дијалог за усвојување на суштинските реформски закони.
Вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Т. Рикер му го честиташе стапувањето на функцијата на претседателот Пендаровски, додавајќи дека САД ќе продолжат силно да ги поддржуваат демократските реформи во Северна Македонија, со цел нејзино целосно интегрирање во евро-атлантските организации.